Солшер го провоцира Ливерпул: На Јунајтед нема да му требаат 30 години за титула

Манчестер јунајтед можеби не е близу до титулата во Премиерлигата како Ливерпул, но дефинитивно нема шампионски пост од 30 години. 

Денеска на „Олд Трафорд“ се среќаваат двата најтрофејни тимови во Англија, Манчестер јунајтед и Ливерпул. Менаџерот на „ѓаволите“, Оле Гунар Солшер упати мала провокација кон лутиот ривал и неговиот три деценски пост без шампионска титула во најсилната англиска лига.

„Сигурен сум дека наскоро ќе се вратиме на врвот, а исто така сигурен сум дека на Манчестер јунајтед нема да му бидат потребни 30 години за да освои нова шампионска титула“, изјави менаџерот на Јунајтед.

Последната титула во Премиерлигата, Манчестер јунајтед ја освои во 2013 година, што воедно беше и последната сезона на Сер Алекс Фергусон на клупата на овој клуб. Ливерпул последен пат бил шампион на Англија во сезоната 1989/90, кога уште не беше формирана Премиерлигата.