Соиграчите од Манчестер го исфрлиле Роналдо од групата на „ВатсАп“

Полека се затвораат вратите на „Олд Трафорд“ за Кристијано Роналдо и веќе на сите им е јасно дека ги одиграл последните минути за Манчестер јунајтед. Но, додека се чека реакција од клубот, со некаква казна или раскинување на договорот, соиграчите од соблекувалната му пресудија.

Иако се оградуваа за сигурноста на изворот, речиси, сите поголеми европски медиуми објавија дека наводно, Кристијано бил исфрлен од заедничката група на мрежата за комуникација „ВатсАп“, која ја имале фудбалерите на Манчестер.

Администратори на групава биле Хари Мегваер и Скот Мектоминеј и тие ја донеле одлуката, а со неа јасно ставаат до знаење каков е ставот на играчите во случајот Роналдо или, макар, на мнозинството.

Португалецот не наиде на многу љубов и во кампот на својата репрезентација, откако излезе видеото на кое Бруно Фернандеш потроши две секунди за да се поздрави со својот соиграч и потоа си продолжи. Ајде за него лесно е да се сфати, како играч на Јунајтед, но имаше видео и од тренингот, на кое Роналдо се обидува да се шегува со Жоао Кансело, ривалот од Манчестер сити, но и овој го „откачи“.