Шпанците го распнаа Мбапе поради - неговото его и опсесијата со „Златната топка“!
Според бројни извори, Французинот е незадоволен од одредени работи во клубот, поради што го користи секој слободен момент да „избега“ во Париз. Тоа го стори и во текот на оваа недела, кога во вторникот го скрати својот тренинг за закрепнување за да отпатува во француската престолнина претпладне, враќајќи се во Мадрид дури околу 21 часот.
Овие потези не поминаа незабележано кај мадридските медиуми кои будно го следат секој негов чекор. Популарната емисија „Ел Чирингито“ и нејзиниот автор Хосеп Педрерол, кој важи за новинар исклучително близок до претседателот Флорентино Перез, упатија остри критики на сметка на егото на Мбапе. Тие му забележуваат за преголемото инсистирање на самопромоција во битката за „Златната топка“, истакнувајќи дека со тоа покажува оти воопшто не разбира што значи да се биде дел од Реал Мадрид.
„Мбапе ја сака 'Златната топка', но Реал Мадрид сака многу повеќе. Сакаат Мбапе кој се поистоветува со клубот, кој вредно работи и кого навистина го гледаме како тренира. Сакаат да доспева на насловните страници поради она што се случува на теренот, а не надвор од него. Мбапе ја губи наклонетоста на навивачите на Реал Мадрид, а тоа е најлошата работа што може да му се случи на еден фудбалер. Мислам дека е време да размисли за тоа што сака и каде сака да оди. И дали навистина ја сака наклонетоста на навивачите на Реал Мадрид“, изјави Педрерол.
Во критиките се вклучи и познатиот новинар Томас Ронсеро, кој отворено го изрази своето незадоволство од ставовите и пристапот на француската ѕвезда.
„Ми се допаѓа неговиот пристап. За да бидете лидер на проектот на Реал, мора да дадете пример. Би требало да биде како Кристијано Роналдо или Раул, кои први пристигнуваа во Валдебебас и последни си заминуваа. Тој не разбира најдобро што претставува Реал Мадрид“, порача Ронсеро.
Од друга страна, весникот „Марка“ преку новинарот Хавиер Тинто ја откри и другата страна на медалот, пишувајќи за разочарувањето на Мбапе поради изостанокот на клупска поддршка во трката за најпрестижната индивидуална награда.
„Мбапе е разочаран од недостатокот на поддршка од Реал Мадрид во кампањата за 'Златната топка'. Францускиот напаѓач наводно побарал од управата на клубот да ја поддржи неговата кандидатура, иако Реал Мадрид нема освоено голем трофеј од неговото доаѓање, но неговото барање било одбиено. Дали ова би можело да ги заостри односите внатре во клубот?“, се запраша Тинто.
Навивачите на Реал Мадрид се сериозно загрижени од оваа медиумска кампања, свесни дека кога новинарите блиски до Флорентино Перез ќе започнат ваква хајка, ситуацијата ретко завршува добро – нешто што неодамна на своја кожа го почувствува и Винисиус Жуниор пред да го потпише новиот договор. Паралелно со ова, француските медиуми пренесуваат дека самиот Мбапе е разочаран од проектот на Реал и смета дека тимот и покрај скапите засилувања, не е доволно квалитетен за да се натпреварува со најголемите европски ривали.
Сето ова претставува исклучително лоша увертира пред продолжението на сезоната, во која Реал Мадрид веќе заостанува шест бода зад Барселона, кај која гостува на претстојното „Ел Класико“ закажано за 25 октомври.