Ноќта кога сите плачеа: Меси со гол и две асистенции се збогува со Аргентина (ВИДЕО)
Средбата беше одиграна пред 85.000 гледачи на култниот стадион „Монументал“ во Буенос Аирес, каде што буквално сите плачееа од првиот до последниот момент. Меси, кој одлуката за повлекување ја најави уште во август, ги одигра сите 90 минути како главен мотор на тимот. Тој асистираше за головите на Николас Отаменди и Нико Паз, а во второто полувреме реализираше удар од белата точка, постигнувајќи го својот 126-ти репрезентативен погодок.
Натпреварот беше во целост посветен на збогувањето со еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Пред почетокот, играчите беа пречекани со спектакуларен огномет и џиновски дрес со бројот 10 и натпис „gracias“ (благодарам). Спектаклот кулминираше во десеттата минута кога играта беше привремено прекината за нови овации и ракување на Меси со секој фудбалер на Бенин. Во остатокот од мечот, тој двапати се најде во стоотстотни шанси, два негови слободни удари беа одбранети, а во самата завршница ја погоди и стативата.
Видно емотивниот Меси, кој не можеше да ги задржи солзите уште во клупскиот автобус и за време на интонирањето на националната химна, по мечот одржа десетминутен говор пред фановите, стручниот штаб предводен од Лионел Скалони и своите соиграчи кои го испратија со стоечки овации.
„Беше огромна гордост да се носи овој дрес повеќе од 20 години. Никогаш не престанав да се борам, никогаш не престанав да го давам својот максимум. Би сакал да можам да се враќам засекогаш, бидејќи играњето за репрезентацијата на Аргентина е најубавото нешто што може да ви се случи. Сите ќе ми недостигате. Од сега ќе бидам на ваша страна, ќе ја бодрам репрезентацијата и момците што доаѓаат. Пред нас се тешки моменти, бидејќи она што оваа група го постигна нема да биде лесно да се повтори“, порача Меси низ солзи.
Освојувачот на осум „Златни топки“ и актуелен играч на Интер Мајами откри дека пораката за повлекување ја напишал уште на 21 јули, два дена по поразот на Аргентина од Шпанија во финалето на Светското првенство. Неговата репрезентативна приказна која започна турбулентно во 2005 година со црвен картон на дебито против Унгарија по неполна минута игра и дуелот со Вилмош Ванчак, завршува испишана со златни букви, крунисана со титула светски шампион и два трофеи на Копа Америка.