Лудило: Возач на Кадилак наместо со авион, кон трката во Сингапур тргна со - велосипед!
Додека останатите возачи и тимови се подготвуваа за рутинското патување кон следната дестинација, искусниот Финец избра сосема поинаков начин на транспорт, возејќи по маргинални и тешко проодни рути. За својот невообичаен потфат, Ботас се огласи преку социјалните мрежи, потврдувајќи им ги на фановите своите намери за оваа напорна авантура.
„Да, возам велосипед до Сингапур... по макадамски патишта по кои поретко се оди“, напиша Ботас.
Овој физички предизвик доаѓа во момент кога Финецот бележи една од најлошите сезони во својата кариера. Ботас сè уште нема освоено ниту еден бод во тековниот шампионат, а неговиот најдобар пласман досега е скромното 13. место на трката за Големата награда на Кина, која се возеше во март. Лошата форма кулминираше на последната трка каде што остана без пласман, откако направи исклучително ризичен избор монтирајќи пневматици за суво време во услови на влажна патека. Ова откажување беше дури осмо за него оваа сезона.
И покрај актуелните проблеми, Ботас останува едно од најпрепознатливите имиња во Формула 1. Како дел од „најбрзиот циркус“ од 2013 година, тој во својата богата кариера има забележано десет победи и вкупно 67 искачувања на подиумот.