Селекторот побегна од новинарите - нема одговор по бруталните обвинувања од Роналдо!
Искусниот 72-годишен стратег во вторникот престојуваше во Леирија, каде што во живо го следеше натпреварот на португалската селекција до 21 година која забележа победа од 2:0 против врсниците од Чешка. При обидот на новинарите да добијат реакција за обвинувањата, Жезус беше пресретнат од телевизиска екипа додека заминуваше со својот автомобил. Неговиот краток одговор пристигна само неколку часа откако Роналдо го објави својот детален опис за конфликтот.
„Бев во Леирија и го гледав натпреварот на португалската У-21 репрезентација. А сега ќе ја прочитам неговата изјава. Немам што да кажам“, кратко им порача Жезус на новинарите.
Во своето обраќање до јавноста, Роналдо тврдеше дека селекторот Жезус дури двапати го прекршил дадениот збор. Според капитенот, првиот инцидент се случил во пресрет на натпреварот меѓу Португалија и Норвешка во Лигата на нации, кога Жезус му ветил дека ќе добие 30 минути на теренот. Иако Роналдо активно се загревал во текот на натпреварот, тој на крајот воопшто не влезе во игра.
Второто разочарување, како што посочува Роналдо, следело откако двајцата се договориле селекторот јавно да ја објасни настанатата ситуација на официјалната прес-конференција. Откако Жезус не го испочитувал ниту тој договор, Роналдо донел радикална одлука да го напушти репрезентативниот камп непосредно пред натпреварот против Данска.
По скандалозното заминување, капитенот на Португалија им се извини на своите соиграчи и на навивачите за постапката, но јасно порача дека и понатаму ќе ѝ биде на располагање на националната селекција откако ќе ја одлежи евентуалната казна која би можела да му ја изрече Португалската фудбалска федерација. На крајот, тој нагласи дека неговата желба да се натпреварува и да победува за својата земја останува огромна.