Сега ако не го победи - никогаш: Мбапе уште нема триумф против Јамал

Денешното Ел Класико, меѓу другото, ќе биде уште еден судир на двајца од најдобрите фудбалери на денешнината Килијан Мбапе и Ламин Јамал.

Иако Шпанецот има само 18 години, во последните 15 месеци се претвори во вистински кошмар за Мбапе. Во овој период двајцата фудбалери се сретнаа шест пати на клупско и репрезентативно ниво и сите шест победи ги однесе Јамал.

Првиот меч беше на ланското Европско првенство во Германија каде Јамал со Шпанија ја победи Франција во полуфиналето со 2-1, а фудбалерот на Барселона, тогаш 16-годишен, постигна еден од головите. Серијата продолжи во текот на клупската сезона, Барса и Реал се сретнаа четири пати и сите четири дуела ги доби каталонскиот тим (4-0, 5-2, 3-2 и 4-3). Капак на се беше победата на Јамал, односно Шпанија во полуфиналето од Лигата на нации оваа година со 5-4 при што фудбалерот на Барселона постигна два гола.

Денеска Мбапе ќе има седмата шанса да дојде до победа во дуел против Јамал и се чини дека ова е најголема можност досега. Реал игра на домашен терен, Французинот се наоѓа во одлична голгетерска форма, а Барселона ќе биде преполовена, без некои од најдобрите играчи.