Атмосферата од Јунајтед се пресели во Ливерпул: Навивачите бараат отказ за Слот

Лошите резултати на англискиот шампион влијаат и на атмосферата и расположението кај навивачите на Ливерпул.

Поразот од Брентфорд (2-3), предизвика големо незадоволство кај нив. Ливерпул минатата сезона убедливо ја освои титулата, а претходното лето потроши богатство на засилувања во обид да ја продолжи својата доминација. Место тоа, следуваа неочекувано лоши резултати, придружени со разочарувачка игра.

По поразот од Брентфорд, некои навивачи на актуелниот шампион веруваат дека Арне Слот, иако ја освои титулата како дебитант минатата сезона, сега заслужува да биде отпуштен.

„Жал ми е, но, судејќи според моменталната форма, Слот мора да си оди. Тој нема идеја што да прави за да го однесе овој тим напред по нето трошење од над 200 милиони фунти. Изгледа како зајак хипнотизиран од светла на автомобил. Тоа е толку разочарувачки и покажува колку добар бил Клоп“, BBC Sport го цитираше извесен Џим.

Разочараниот навивач на Ливерпул го спореди Арне Слот со хипнотизиран зајак, што во суштина е идиом што опишува состојба на целосен шок, страв или конфузија, каде што едно лице или животно станува целосно парализирано и неспособно да реагира. Друг навивач, по име Осман, исто така се присети на познатата забелешка на Јирген Клоп дека „навивачите на Ливерпул од неверници стануваат верници“ и инсистираше дека Холанѓанецот повеќе не припаѓа на клупата на Ливерпул.

„Леле, што се случи со мојот сакан тим? Чувствувам дека повторно од верници стануваме неверници! Слот мора да си оди!“, напиша тој.

Ваквата атмосфера до пред 20-тина дена беше типична за Манчестер Јунајтед каде навивачите бараа отказ за Рубен Аморим. Сега „ѓаволите“ се во серија од три победи и пред Ливерпул на табелата, па притисокот врз португалскиот менаџер се смири, а се пресели на Енфилд.