Рома ги исполнува желбите на Де Роси, му донесе играч од 30 милиони евра, а преговара со уште поскап!

За разлика од периодот кога во клубот беше Жозе Мурињо, Рома сега реши да го одврзе ќесето и да му исполни неколку желби на Де Роси.

Трансферот на Матиас Суле од Јувентус е договорен и е во фаза на комплетирање, наскоро и официјално ќе биде објавен.

Оваа зделка е тешка 30 милиони евра, од нив Рома 26 милиони евра ќе бидат платени веднаш, 2 милиони евра во лесно остварливи бонуси и уште 2 милиони евра во потешко остварливи бонуси.

Јувентус ќе има и 10 проценти од следниот трансфер на Суле кој ќе стави потпис на петгодишен договор со Рома.

Во меѓувреме Рома се обидува да го донесе и Довбик од Жирона. Атлетико Мадрид веќе има договор со Жирона, но не и со украинскиот напаѓач.

Наводно, Де Роси неколкупати му се јавил лично на Довбик и го убедувал да се пресели во Рома. Полека волчицата станува фаворит за неговиот потпис. Неговата вредност е 40 милиони евра.