Ристовски по освоениот Куп на Португалија: Потешко е кога не играш!

Македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски со два куп-трофеи ја заврши оваа сезона со Спортинг Лисабон, откако неговите соиграчи вчера го освоија Купот на Португалија, придодавајќи го на јануарскиот освоен Лига-куп.

Македонскиот десен бек не играше во финалето поради суспензијата од два меча за црвениот картон кој го доби против Тондела во претпоследното коло, но Ристовски на пехарот и медалот им се израдува исто како да играл, иако не му беше сеедно што мораше од трибините да го следи дуелот на своите колеги против Порто.

„Потешко е кога не играш. Но, тоа што се брои е дека успеавме да го иствариме сонот на сите навивачи на Спортинг. Тие заслужуваат сѐ. Ова е награда за работата на сите нас. И тешко е да се објасни. Во следната сезона ќе бидеме уште посилни. Најважната работа од сѐ на крајот е што Спортинг го освои Купот“, рече Ристовски.

Спортинг на пенали со 5-4 го победи Порто, откако во регуларните 90 минути мечот заврши 1-1, а по продолженијата 2-2.

Македонецот веќе има три трофеи во кариерата со Спортинг, каде дојде пред две години од Риека, со која претходно освои „двојна круна“ во Хрватска и ја прекина децениската доминација на Динамо Загреб. Сега пред Ристовски е предизвикот со Македонија во евроквалификациите и двојната домашна програма против фаворизираните Полска и Австрија во Скопје на 7 и 10 јуни.