Реал пак ја зголеми понудата, за Винисиус ни тоа не е доволно

Преговорите меѓу Реал Мадрид и Винисиус Жуниор за продолжување на соработката се наоѓаат во ќорсокак, а шпанските медиуми тврдат дека раководството на „кралскиот клуб“ нема намера да ги прифати финансиските барања на бразилската ѕвезда.

Според последните информации, Винисиус бара договор со кој би бил изедначен со најплатените фудбалери во тимот, а наводно инсистира и на бонус за потпис. Сепак, челниците на Реал остануваат цврсти на ставот дека никој не смее да биде над интересите на клубот и нема да отстапат од својата политика при преговорите.

Клубот веќе доставил последна понуда вредна околу 22 милиони евра по сезона, што заедно со бонусите би достигнало 24 милиони и тоа претставува значително зголемување во однос на досегашната плата на Бразилецот, но таа сè уште е под неговите финансиски очекувања. Сепак, дури и со тоа, Винисиус останува далеку зад Мбапе кој има плата од 30 милиони евра годишно и тоа е трн во окото на бразилскиот фудбалер. Ова е второ зголемување на понудата од Реал во последните 24 часа откако претходно клубот нудеше „само“ 20 милиони.

И покрај застојот во разговорите, во Мадрид не ја исклучуваат можноста за разделба доколку не биде постигнат договор во наредниот период. Во таков случај, Реал би бил подготвен да го продаде Винисиус за околу 150 милиони евра, а интерес за неговите услуги покажува Арсенал. Иако преговорите се комплицирани, приоритет на Винисиус останува да остане на „Сантијаго Бернабеу“, но двете страни ќе мора да направат компромис доколку сакаат соработката да продолжи и по истекот на актуелниот договор во 2027 година.