Реал излезе со соопштение: Неприфатливи се изјавите на судиите!

Вистинска драма се случува во Шпанија пред финалето од купот, а ја режира Реал Мадрид, кралскиот клуб води војна со судиите кои треба да го судат утрешниот Ел Класико меч.

Финалето од Купот на Шпанија меѓу Реал Мадрид и Барселона има непријатна „предигра“. Кралскиот клуб врши невиден притисок врз судиите.

Реал Мадрид преку својата клупска телевизија објаснува зошто овие судии не треба да судат. Клубот побара судиите да бидат променети.

Ваквите притисоци врз судиите, изнудија изјави од нив. Едниот од арбитрите со плачење зборуваше на прес-конференција велејќи дека премногу го заболело кога неговото дете му кажало дека го малтретираат на училиште велејќи дека татко му е „крадец“ како што бил нарекуван на телевизијата на Реал Мадрид.

Кралскиот клуб не само што нема намера да се извини за притисоците кои ги прави, туку тие уште еднаш ги нападнаа судиите велејќи дека нивните изјави се неприфатливи.

„ФК Реал Мадрид за неприфатливи ги смета јавните изјави на судиите кои се назначени да го судат финалето на Купот на кралот. Овие протести против видеа објавени од телевизијата која треба да има слобода на говорот, јасно го потврдуваат анимозитетот што судиите го имаат кон Реал Мадрид. Уште пошокантни се изјавите во кои со заканувачки тон се повикуваше на судиско единство и солидарност, со што се појавува сериозен сомнеж во објективноста и фер судењето на натпреварот кој ќе го следат милиони луѓе ширум светот. Со оглед на сериозноста на ситуацијата, Реал Мадрид се надева дека одговорните во федерацијата и во судиската организација ќе реагираат соодветно и ќе го заштитат престижот на организациите кои ги застапуваат“, се вели во соопштението на Реал Мадрид.

Во шпанските медиуми дури се пишува и дека Реал Мадрид разгледува да не го игра финалето бидејќи не му се допаѓаат судиите кои се назначени да го судат овој натпревар.

Оваа сезона Реал Мадрид и Барселона двапати се сретнаа, а кралскиот клуб двапати беше понижен, каталонците победија со 4-0 и 5-2.