Реал и Атлетико ја меркаат круната на Барса, Барди ќе потврдува дека е мајстор за слободни!

Најсилната светска лига, шпанската „Примера“ стартува денеска со два меча, со што започнува ловот на шпанската круна која до мај идната година ќе ја носи Барселона, во новата сезона во која двата мадридски ривали Реал и Атлетико ќе се обидат да ги детронизираат Каталонците од врвот.

Новата сезона во Шпанија повторно ќе се врти околу битката на Барса со „кралевите“ и Атлетико, кој сериозно се засили и со освојувањето на европскиот Суперкуп најави уште подобра сезона на Пиринеите, но и во Европа. Ако нешто е најинтерсно на стартот е фактот што Ла Лига сезонава нема да се гледа низ призмата на Лионел Меси и Кристијано Роналдо, откако најдобриот на светот во моментов си замина од Реал и потпиша за Јувентус. Ќе недостига и иконата на Каталонците, Андрес Иниеста, кој по 22 години ја напушти Барса и замина во јапонски Кобе.

Шпанците речиси цела деценија се неприкосновени владетели во европскиот фудбал со шест европски круни во последните осум сезони, а со посебна клупска доминација во европските натпреварувања од 2014 година и до сега само Манчестер јунајтед лани успеа да освои еден трофеј (Лига Европа). Сè другото мина во знакот на Барселона, Реал Мадрид, Севилја, Атлетко Мадрид...

Во битката за титулата Барселона повторно влегува како прв фаворит. Останаа Каталонците без Иниеста, ама се засилија со Клемент Ленгле во дефанзива, со Артуро Видал и Артур во средниот ред, со Малком во нападот. Направија уште покомпактен тим, откако се ослободија и од низа играчи кои беа вишок (Јери Мина, Лука Дињ, Жерар Делофеу, Андре Гомеш, Алеиш Видал...).

Многу помалку активен на пазарот беше Реал Мадрид, особено што остана без својата машина за голови Роналдо, но и без тренерот Зинедин Зидан, кој за две ипол години постави таков стандард на „Бернабеу“, што тешко дека може да биде достигнат во блиска иднина. Нема Реал слаб тим, тоа е јасно, но тешко ќе биде да се надоместат 50-те гола во сезона во сите натпреварувања на португалскиот ас, па оттаму и стручњаците ја потенцираат најголемата слабост на „кралевите“. Нормално, Реал го има костурот на тимот, кој знае како да победува, а сега Иско и Марко Асенсио ќе добијат повеќе шанса за да го надополнат отсуството на Роналдо, иако до крајот на месецов сè уште постои шанса мадридскиот великан да најде достојна замена за Португалецот. Во Реал дојдоа Одриозола, Куртоа, младата бразилска ѕвезда Винчиус...

Атлетико Мадрид е третиог голем конкурент за титулата, кој успеа една сезона да ја прекина доминацијата на Реал и Барса. Во Талин, четата на Диего Симеоне покажа дека ќе игра важна улога во Ла Лига особено откако во тимот дојде Томас Лемар, Желсон Мартинез, Родри, Никола Калиниќ, Аријас, но најголема добивка е задржувањето на Ентоан Гризман. Атлетико го сочува костурот на тимот, го надополни со низа одлични фудбалери, па на „Ванда Метрополитано“ со право очекуваат битка и трофеи во сезоната.

Во оваа тројка и завршува битката за круната соогле дека останатите ривали, барем по квалитет, заостануваат зад гигантите, па Валенсија, Реал Сосиедад, Бетис и посебно Севилја, која најмногу е ослабена со заминувањето на Н'Зонзи, Ленгле, Кореја би требало да водат битка за местата во Европа. Селта, Гетафе, Жирона и Леванте би требало да се екипите од златната средина, а меѓу Валјадолид, Хуеска, Алавес, Еибар да се бараат патниците за Сегунда, иако во фудбалот ништо не може да се предвиди однапред и повеќе од сигурно е дека ќе има пеколна битка за секоја позиција на табелата.

Новата сезона за македонската јавност ќе биде посебно интересна поради настапот на репрезентативецот Енис Барди во својата втора сезона во шпанската елита. Фудбалерот на Леванте во минатата сезона импресионираше, даде девет гола во дебитантската сезона, пет од слободен удар и беше втор најдобар изведувач на слободни, веднаш зад Лионел Меси со шест. Постави два рекорди за прв дебитант со пет гола од прекин и стрелец на два најбрзи голови од слободни удари за само 123 секунди. Сега специјалистот за слободни, како што во Шпанија го нарекуваат „снајпер“, ќе треба повторно да го докаже својот квалитет, а прва шанса има уште вечерва од 22.15 часот на гостувањето кај Бетис, кој и тоа како се засили летово.

ДВОЈКИ ЗА 1. КОЛО

ДЕНЕСКА: Жирона – Валјадолид (20.15), Бетис – Леванте (22.15)

УТРЕ: Селта – Еспањол (18.15), Вилјареал – Реал Сосиедад (20.15), Барселона – Алавес (22.15)

НЕДЕЛА: Еибар – Хуеска (18.15), Рајо Валјекано – Севилја (20.15), Реал Мадрид – Гетафе (22.15)

ПОНЕДЕЛНИК: Валенсија – Атлетико Мадрид (20), Атлетик Билбао – Леганец (22 часот)