Ракитиќ се враќа во Севилја – трансферот 10 милиони евра!

Хрватската ѕвезда Иван Ракитиќ ќе се врати во Севилја, клубот каде стана врвен играч и од каде стигна во шпанскиот великан Барселона, објави „Ел Мундо Депортиво“, весник близок до каталонската гордост.

Ракитиќ веќе подолго време беше на излезна врата од Барселона, а иако има договор до идното лето, Каталонците сакаат да се ослободат од фудбалерите кои се веќе во години, па прифатена е понудата од 10 милиони евра за Ракитиќ да се врати на „Санчез Писхуан“.

Но, заминувањето на Ракитиќ на една година пред истекот на договорот не е за Барселона да заработи во последен момент од трансферот, туку да го ослободи буџетот поради високата плата што ја има Хрватот.

Тој во Севилја дојде од Шалке за само 2,5 милиони евра во 2011 година, а во 2014 за 18 милиони се пресели во Барселона, а една година подоцна ја освои ЛШ и беше стрелец во финалето.