Дерби на паднатите великани: Франција и Англија играат меч кој никој не сака да го игра!

Натпреварот за третото место на било кое натпреварување ретко кога претставува вистинска утеха, но и покрај тоа селекциите на Франција и Англија вечерва (23 часот) на „Хард рок“ стадионот во Мајами ќе се обидат барем делумно да го поправат впечатокот по болните порази во полуфиналето на СП 2026.

Французите немаа одговор за моќната Шпанија (0-2), која им го прекина сонот за ново мундијалско финале. Воедно, тоа беше и последен полуфинален настап на Дидие Дешан како селектор на „триколорите“, со оглед што по турнирот ја напушта функцијата. Искусниот стратег беше мета на бројни критики поради претпазливиот пристап против Шпанците, а незадоволството од играта не го криеше ниту капитенот Килијан Мбапе. Сепак, Дешан ќе има можност да се збогува со медал, бидејќи евентуална победа би ѝ ја донела на Франција третата бронза во историјата на Мундијалите.

Ништо подобро не е ниту расположението во англискиот табор. Избраниците на Томас Тухел водеа против актуелниот светски шампион Аргентина (1-2), но на крајот загубија, откако не успеаја да го сочуваат водството. Поразот повторно отвори бројни прашања околу тактичките одлуки на германскиот стручњак, особено поради дефанзивниот пристап во последните триесетина минути, период во кој Аргентина успеа целосно да ја преземе контролата врз натпреварот. За Англија ова е можност да го оствари својот најдобар пласман на Светско првенство по титулата освоена во 1966 година, иако бронзата е далеку од она на што се надеваа навивачите.

Статистиката, сепак, не е на страната на „Гордиот Албион“. Англичаните ги загубија двата претходни натпревари за третото место – од Италија во 1990 година и од Белгија во 2018 година. Франција, пак, има многу подобар биланс во ваквите пресметки. „Триколорите“ ја победија Белгија во 1986 година и Западна Германија во 1958 година, а единствениот пораз го претрпеа од Полска во 1982 година. Дополнително, Французите имаат позитивна традиција и во меѓусебните дуели со Англија, против која имаат само еден пораз на последните девет натпревари.

Двете селекции имаат и кадровски проблеми. Кај Франција речиси сигурно ќе отсуствува Вилијам Салиба поради обновена повреда на грбот, а неговото место најверојатно ќе го заземе Максенс Лакроа. Кај Англија, Рис Џејмс повторно има проблем со мускулна повреда и се очекува да го пропушти натпреварот, додека Џордан Хендерсон останува надвор од комбинација поради повреда на зглобот на раката. Добра вест за Тухел е враќањето на Џерел Кванса по одработената суспензија.