Меси победи: Бартомеу си поднесе оставка!

Жозеп Мариа Бартомеу попушти под притисокот од навивачите и си поднесе оставка на претседателската функција во клубот. Заедно со него си оди и целиот Управен одбор на Каталонците. 

За неколку недели требаше да биде свикано Собрание и да се гласа за довербата на Бартомеу, но шпанските медиуми велат дека на ваков начин претседателот колку-толку си заминува со поголемо достоинство, односно нема да биде сменет. 

Бартомеу беше под огромен притисок од навивачите и јавноста, откако Меси побара да си оди од клубот. Аргентинецот беше незадоволен од начинот на кој Бартомеу управува со клубот и очигледно ја доби битката. Сега останува да видиме кој ќе го наследи Бартомеу и дали можеби Меси ќе се премисли и ќе потпише нов договор. 

Бартомеу седна на претседателското столче во клубот во 2014 година, по оставката на Сандро Росел.