Пресврт во сагата: Дали 84 милиони евра нето годишно ќе го премислат Мбапе?

Сагата со Килијан Мбапе околу останувањето во ПСЖ или заминувањето во Реал Мадрид продолжува, зашто после неколку дена радости во Мадрид дека сѐ е веќе јасно и извесно, сега наводно се случува пресврт зашто ПСЖ со последен обид ќе се обиде да го задржи фантастичниот француски репрезентативец.

Италијанскиот новинар Џанлука Ди Марцо, денеска објави дека Мбапе сега е многу поблизу до останување во ПСЖ одошто тоа беше пред некој ден, а за сѐ се виновни шеиците на парижаните со последната понуда. Нова рунда разговори на мајката на Мбапе со нив треба веројатно да ја разјасни ситуацијата, откако фудбалерот во неделата објави дека веќе донел одлука за својата иднина, но ќе ја соопшти пред да почне со подготовките со „триколорите“ за новата сезона во Лигата на нации.

Наводно, пресвртот е во неверојатната финансиска понуда која годишно на Мбапе ќе му донесе цели 84 милиони евра нето приход годишно, што е 40 отсто повеќе од било кој друг највреден договор на еден фудбалер со клуб, кога ќе се соберат годишните примања и бонусите за потпис на договорот.

ПСЖ на Мбапе му нуди 60 милиони евра годишна плата, што е двојно повеќе од тоа што го има досега, плус 120 милиони евра за потпис на договорт на пет еднакви рати. И поради последните информации, сега во Реал Мадрид стравуваат дека веќе постигнатиот договор за петгодишна соработка, со далеку помала плата (40 милиони евра годишно) ќе пропадне.