Пресметаа колку ќе ќари Јувентус од Роналдо и тоа е – неверојатна заработка!

Најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо пред две недели и официјално стана нов член на италијански Јувентус, доаѓајќи за 105 милиони евра од европскиот првак Реал Мадрид со што предизвика вистински земјотрес во фудбалскиот свет.

Доаѓањето на Роналдо за Јувентус ќе значи дека сосе трансферот, годишната плата и данокот што „старата дама“ ќе го плати, целата операција ќе го чини италијанскиот великан 325 милиони евра, но италијанските медиуми веќе пресметаа дека трансферот е исплатлив, затоа што на годишно ниво, Јуве ќе има – неверојатна заработувачка.

Само во првите 24 часа, Јувентус продаде повеќе од половина милион дресови по цена од 105 евра, што значи дека повеќе од половината сума за трансферот ќе е „извадена“, но сега според меидумите, Јувентус на годишно ниво може да очекува заработувачка од 75 до 100 милиони евра, што би значело дека во следните четири години, „старата дама“ да биде и во плус од тоа што треба да го издвои за Португалецот.

Тоа што го потенцираат е дека ТВ-правата за мечевите на Јувентус сигурно ќе донесат многу поголема заработувачка од досегашната, а повеќе од извесно и побарувачката за билети за мечевите, што само посебе ќе донесе и поголеми цени на влезниците. Само од овие два сегменти Јувентус во однос на лани ќе има заработка за 34 милиони евра повеќе.

А тука, треба да се стави дека и маркетингот ќе донесе многу повеќе приходи, како и фактот дека „старата дама“ ќе атакува на европска титула, што во следните четири години, една таква шампионска слава ќе им донесе севкупно 100 милиони евра.