Пред 10 години му рекоа дека никогаш нема да прооди, а од денеска е во Реал Мадрид

Ферланд Менди денеска ја имаше официјалната промоција како нов фудбалер на Реал Мадрид. Шпанскиот гигант за неговите услуги плати 48 милиони евра, а трансферот може да се искачи и до 53 милиони во зависност од исполнувањето на бонусите.

Французинот има интересна животна приказна, која уште еднаш докажува дека докторите не се секогаш во право. На 14-годишна возраст, додека играл во младинскиот погон на ПСЖ, Менди развил артритис на колковите. Докторите му рекле дека неговата професионална кариера е завршена и дека можеби веќе никогаш нема да прооди. 

Поради проблемите со повредите, тој долго време бил во инвалидска колична. Откако се рехабилитирал имал потешкотии да оди, но со терапија и вежби успеал повторно да почне да оди, да трча и да започне со тренинзи. Биле потребни цели две години за болката во колковите целосно да ја снема.

На 17-годишна возраст решил да го напушти ПСЖ и да се испроба во аматерските клубови. Полека почнал да ја гради својата кариера, која преку Ле Авр и Лион го донесе до дресот на Реал Мадрид.