Поради судиите, Реал планира да ја напушти Ла Лига и да игра во друго првенство

Шпанскиот првак ја разгледува можноста да го напушти шпанското првенство и да игра во шампионат на друга земја поради тенденциозното судење оваа сезона.

Информацијата ја објави каталонскиот весник Спорт поради што треба да се земе со резерва иако е општо познато дека Реал и Ла Лига се во сериозен конфликт. Според овој извор, Реал би играл во Серија А или во Лига 1, но процедурата за преселба во некоја од овие првенства не е така лесна како што се мисли и покрај тоа што се работи за еден од најпопуларните светски клубови кој секаде би донел финансиски бенефит.

Во периодот кога Каталонија сакаше да се отцепи од Шпанија, слична намера имаше и раководството на Барселона, но до такво нешто не дојде. Во Реал се незадоволни од судењето во Шпанија оваа сезона, а капак беше исклучувањето на Џуд Белингам на саботниот меч против Осасуна по што мадридскиот тим одигра само нерешено во Памплона.