Почина легендарниот претседател на Порто кој на функцијата беше 42 години

Жорге Нуно Пинто да Коста, легендарниот претседател на Порто, починал синоќа на 87-годишна возраст.

На функцијата беше неверојатни 42 години и под негово водство Порто ги оствари најголемите успеси во својата историја. Клубот го презеде во 1982 година, а освои вкупно 69 трофеи, вклучувајќи две во Лигата на шампионите, односно претходниот Куп на европски шампиони (1987 и 2004 година).

„Меѓу 23 април 1982 и 7 мај 2024 година, најголемиот клуб на Северот стана и најдобар клуб во Португалија и израсна од локално и регионално, на европско и светско ниво. Без да ги заборави своите корени, Порто растеше заедно со градот. Клубот има 131 година, но постои време пред и по Жорге Нуно Пинто да Коста“, пишува во соопштението од Порто.

Да Коста беше претседател до 2024 година кога беше сменет од поранешниот тренер на тимот Андре Виљас Боаш кому тој му даде шанса да ја води екипата. Поранешниот прв човек на клубот почина неполна година потоа. Интересно е тоа што Да Коста беше претседател и кога Порто играше со Вардар во Купот на европските шампиони, во првото коло од сезоната 1987/88. Тогаш Порто беше актуелен европски првак и ги доби двата меча со Вардар со по 3-0.