По Интер и ПСЖ и еден шпански клуб ептен е загреан за Енис Барди!

Само два дена откако еден од најголемите спортски медиуми, „ЕСПН“ објави дека милански Интер и француски Пари Сен Жермен многу внимателно го следат развојот на Енис Барди и сериозно се загреани за да го ангажираат, уште еден клуб влегува во трката за макеоднскиот репрезентативен играч за врска – Бетис.

Барди сезонава ја воодушеви Шпанија со деветте гола, од кои пет од слободен удар со кои влезе во историјата како најдобар дебитант кој постигнал толку погодоци од прекин во Ла Лига. И воопшто не чуди што откако ѝ даде два гола на Барселона, Интер и ПСЖ му фрлија око, арно ама и Бетис сериозно загриза, посебно што зелено-белите од Севилја може да му понудат и многу поголема минутажа во однос на „нераѕурите“ или „светците“.

Шпански „Диарио Гол“ објави информации од клубот, дека за нив Барди е сериозно засилување, но на „Бенито Вилјамарин“ свесни се дека авантурата за да го ангажираат нема да биде лесна, особено ако против себе имаат противници како Интер и ПСЖ. Интересно, уште по двата гола во Билбао против Атлетик (двата од слободен удар за 123 секунди), навивачите на Бетис на социјалните мрежи порачуваа дека „со Барди во тимот следната сезона овој шпански клуб ќе ја освои Лига Европа“.

Бетис имаше фантастична сезона и успеа да заврши дури пред градскиот ривал Севилја и да обезбеди настап во групите во Лига Европа. Бетис е во сенка на градскиот ривал Севилја и досега во историјата само еднаш бил првак и тоа во 30-те години од минатиот век, а двапати го освоил Купот на Кралот.

Барди денеска од 13 часот со Леванте ѝ гостува на Селта Виго во последниот меч од сезоната, а македонскиот ас има шанса со гол од слободен удар да го достигне Лионел Меси, кој сезонава даде шест гола од прекини, еден повеќе од репрезентативецот на црвено-жолтите.