
По 113 години постоење, згасна поранешниот клуб на Баџо и Пирло
Рокот за исплата на долгот од три милиони евра помина вчера во 15 часот до кога сопственикот Масимо Челино не ја достави потребната документација и со тоа не доби лиценца за настап на неговиот клуб претстојната сезона. Поради тоа Бреша ќе згасне, а потоа се можни две сценарија: да се формира нов фудбалски клуб кој ќе почне од петтата италијанска лига или да се фузира со локалниот Оспиталето и да се натпреварува во Серија Ц.
Бреша не може да се пофали со трофеј во својата 113-годишна историја, но помина 23 сезони во Серија А и во своите редови имаше некои од најголемите светски фудбалски ѕвезди. Најпознати меѓу нив беа Андреа Пирло и Роберто Баџо, првиот таму ја почна, а вториот ја заврши својата кариера, но играа и Лука Тони, Сандро Тонали, Марио Балотели, Георге Хаџи, Пеп Гвардиола итн.