Американско славје во Париз: Гоф е нова кралица на „Ролан Гарос“

Американската тенисерка Коко Гоф е освојувачка на титулата на „Ролан Гарос“ за 2025 година откако во денешното финале ја совлада најдобрата на ВТА листата Арина Сабаленка.

Гоф славеше со 2-1, со пресврт (6-7, 6-2, 6-4) за свој прв триумф на Отвореното првенство на Париз и вкупно втора Гренд слем титула во кариерата, по онаа на УС Опен во 2023. Сабаленка остана на три од кои две во Мелбурн и една во Њујорк, а и за неа ова беше прво финале во Париз.

Белорусинката подобро го почна натпреварот, прва направи брејк и водеше со 4-1, но Гоф се врати и израмни на 4-4. Повторно Сабаленка дојде до брејк, два пати севираше и за сет, но дури по тај-брејкот поведе со 1-0. Се чини дека во тие 78 минути многу се потроши, па потоа Гоф ја презеде иницијативата и без никакви проблеми дојде до израмнување на 1-1. Во првите шест гема од третиот сет двете тенисерки направија по еден брејк, па клучен се покажа загубениот сервис на Сабаленка во седмиот гем за водство од 4-3 по што Гоф не дозволи нов брејк и заслужено стигна до победата и титулата.

Со овој триумф, таа заработи 1.220 бода на ВТА листата, но заостанувањето во однос на Сабаленка и натаму е огромно и изнесува повеќе од 3.500 бода.