Ѓорѓиев: Ако сакаме да се радуваме со Словачка – мораме многу подобро!

Македонската одбојкарска репрзентација со пораз од Финска го стартуваше настапот на Европската Златна лига. Финска беше подобрата репрезентација на теренот и славеше победа со убедливи 3-0 во сетови. 

Според еден од најискусните во нашите редови, Никола Ѓорѓиев одлуката ја направил подобриот блок на Финците.

„Мој четврти натпревар против нив и четврти пораз. Дефинитивно Финска е противник кој не ни одговара, бидејќи многу малку греши и игра многу паметно и константно. Нивната игра се базира на блокот, многу се високи и физички се многу посилни од нас и секоја тешка топка останува во терен. Веруваат во својот блок и денеска тоа е елементот во играта кој ја направи најголемата разлика. Четири пати – четири порази, многу ми е тешко, но кога е некој подобар мора спортски да се подаде рака и да се признае тоа“, го анализира денешниот натпревар со Финска, капитенот на репрезентацијата Никола Ѓорѓиев и додава

„Ние со главата веќе сме во утрешниот меч со Словачка. Словаците загубија вчера исто така 3:0 од Финска и може да кажеме дека Финците се севкупен победник на овој турнир, а ние утре ќе се бориме, условно кажано, за второто место и за прва победа годинава во Златната лига.“

Утре исто така од 15:00 часот Македоија ја очекува и вториот натпревар на турнирот во Словачка и тоа против домаашната репрезентација. Ѓорѓиев истакна дека ако сакаме подобар резултат против нив ќе мораме да одиграме на многу повисоко ниво.

„Со Словачка имаме одиграно само еден натпревар во 2021 година и тоа пријателски. Ако сакаме да се радуваме против нив мораме да одиграме подобро, да бидеме полуцидни во решенијата, особено во нападот. Мислам дека имавме добар прием денеска, се надевам дека така ќе биде и утре, а ние ќе мора да понудиме подобри решенија во напад. Се надевам дека со поголема храброст и агресивност и со мислите насочени кон победа ќе успееме да се радуваме. Верувам дека утре е денот за победа“, истакна капитенот на А тимот.