Пандев до „нераѕурите“: Интер ми даде сè, ама морав да ве победам!

Откако го победи „својот“ Лацио, на ред на капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев дојде и Интер, неговиот поранешен клуб кој го донесе во Италија и каде ја достигна најголемата слава со освојувањето на најважните трофеи (ЛШ, светско првенство, „скудето“...), па синоќа на „нераѕурите“ им даде еден гол за победата на Џенова со 2-0.

Пред 17 години, Пандев од Беласица замина во младинскиот погон во Интер, а меѓу „нераѕурите“ дојде на барање на Жозе Мурињо во јануари 2010 година и одигра една сезона која беше најуспешна во историјата на миланскиот гигант, а со тоа и на македонскиот ас. Синоќа, Пандев немаше милост за својот поранешен клуб, кон кој е сè уште приврзан.

„На Интер секогаш ќе му бидам благодарен, ме зема во Италија, освоив сè со тој клуб, но денеска морав да ги победам. Мораше да триумфираме, бодовите ни беа важни, а јас се надевам дека на крајот сепак Интер ќе игра во Лигата на шампионите, затоа што клуб како Интер заслужува да игра таму“, рече Пандев по голот за победа.

Македонецот стигна до 78 гола во Серија А и е еден од најискусните напаѓачи на Апенините, а иако полека се ближи кон пензија, Пандев во Џенова во последно време доживува „втора младост“. Повторно погодува, како што тоа го правеше и во дресот на Лацио, и во тој на Наполи, како и со Интер.

„Чусвтвувам голема самодоверба од тренерот, ми дава континуитет и јас сум многу среќен. Јас само сакам да му помогнам на тимот за има добри резултати, опасната зона е сега зад нас и сега сме многу помирни околу опстанокот“, додава Пандев.

По голот со кој ја запечати победата на Џенова, Пандев проба и да ги утеши „нераѕурите“, посочувајќи дека разбира под каков притисок се.

„Кога играш за Интер, носењето на тој дрес не е лесно. Навивачите секогаш очекуваат нешто посебно од вас“, заврши Пандев.