Ова ќе биде сапуница на векот: Јунајтед нема намера да го продаде Погба!

Иако француската суперѕвезда Пол Погба објави дека сака да си замине од Манчестер јунајтед, па дури на раководните луѓе им најавил дека е подготвен и да штрајкува за да издејствува трансфер во Реал Мадрид, „црвените ѓаволи“ немаат намера да се откажат од него и да го продадат.

Дали стартува „сапуницата на векот“? Ова е прашањето што експресно го поставија љубителите на фудбалот, ама и многу аналитичари, откако англиските медиуми објавија дека Јунајтед немаат намера да го продадат Погба летово, иако веќе му ја одредија цената од 170 милиони евра ако некој сака да го купи.

„Три години сум во Манчестер, имав некои добри и некои лоши моменти, како и сите, но мислам дека ова е добро време за нов предизвик на некое друго место“, рече Погба вчера.

Реал Мадрид е заинтересиран да го купи, но нема намера да плати 170 милиони евра и наводно од „кралскиот клуб“ му поставиле услови на Погба за ангажман, да издејствува трансфер до 125 милиони евра, неговиот менаџер Мино Рајола да се откаже од провизија, а тој официјално да побара да биде ставен на трансфер-листа и да се откаже од платата која ја добива на „Олд Трафорд“.

Сега како стојат работите, веројатно долго ќе биде летово околу трансферот на Погба и веројатно ова е почеток на секојдневно бомбардирање со вести од страна на англиските и шпанските медиуми околу судбината на Французинот, кој лани стана светски првак со „триколорите“.

Погба дојде во Манчестер во 2016 година од Јувентус за тогаш рекордни 100 милиони евра.