Нови правила во фудбалот: Ќе има временско ограничување за аут, гол-аут и замени!

Меѓународниот одбор на фудбалски сојузи одобри пакет мерки насочени кон забрзување на играта, а промените ќе се имплементираат на Светското првенство (СП) во 2026 година.

Една од најважните новости е воведување на одбројување за изведување аут и гол-аут. По успешниот тест со осум секунди кои голманите ги имаат за враќање на топката во игра, сличен пристап ќе се примени и на играчите.

Доколку судијата процени дека фудбалер намерно не ја враќа топката во игра, тогаш ќе почне одбројување од пет секунди. Во случај да не се изведе во рокот, тогаш аут ќе добие другата екипа, додека гол-аутот ќе резултира со корнер.

Ќе биде воведено правило и за 10 секунди за замени. Играчот кој излегува од терен мора да го направи тоа за 10 секунди откако судијата ќе даде знак. Доколку не се случи тоа, тогаш неговата екипа ќе игра 60 секунди со фудбалер помалку.