Грчки атлетичар со стап скокна „до небото“ - го надмина легендарниот Бубка (ВИДЕО)
Грчкиот атлетичар до неверојатниот резултат стигна на националното првенство во атлетика, кое се одржа вчера во атинското предградие Пеанија. Откако претходно веќе го обезбеди најдоброто светско остварување за сезоната со успешен прв обид на 6,07 метри, тој реши да ја крене летвичката на импресивни 6,17 метри – височина која досега ја има совладано само светскиот рекордер Арманд Дуплантис. Каралис успеа во вториот обид и со тоа ги надмина двајцата поранешни светски рекордери и олимписки шампиони – Сергеј Бубка и Рено Лавилени. Украинската легенда има личен рекорд од 6,15 метри поставен на 21 февруари 1993 година, додека Французинот прескокна 6,16 метри на 15 февруари 2014 година.
Пред Гркот сега останува само една пречка – современата суперѕвезда на скокот со стап, Арманд Дуплантис. Швеѓанецот е сопственик на светскиот рекорд од 6,30 метри и има прескокнато секоја височина од 6,17 метри па нагоре, при што дури 14 пати го подобруваше светскиот рекорд за по еден сантиметар. Каралис се обиде и со 6,31 метар, но направи два неуспешни обида.
Првата директна пресметка меѓу „Мондо“ и „Маноло“ годинава ќе се случи на турнирот „Мондо Класик“ во Упсала, на 12 март, на домашен терен за Дуплантис. Тоа воедно ќе биде и генерална проба пред Светското првенство во сала во полскиот град Торун, кое ќе се одржи од 20 до 22 март, каде што шведскиот ас ќе ја брка својата четврта последователна светска титула под покрив.