Њукасл веднаш потроши половина од парите од Исак - за напаѓач на Брентфорд

Шведскиот репрезентативец Александер Исак го собори рекордот на Премиер лигата за најскап трансфер во историјата откако синоќа го комплетира преминот во Ливерпул за 125 милиони евра, но неговиот досегашен клуб Њукасл веднаш потроши половина од парите на нов напаѓач

На Сент Џејмс Парк пристигна Јоан Виса од Брентфорд за 63,5 милиони евра со тоа што половина од оваа сума ќе биде уплатена веднаш, а половина идната година. Брентфорд одлично помина ова лето бидејќи за своите двајца напаѓачи, Мбуемо и Виса заработи вкупно 140 милиони евра. Камерунецот претходно се пресели во Манчестер Јунајтед за 75 милиони евра, а Виса ќе игра со Њукасл во Лигата на шампионите.

Освен тоа, Брентфорд за четири години заработи 6,5 пати повеќе за Виса кого во 2021 го купи од Лориен за 10 милиони евра. На 149 натпревари, Конгоанецот постигна 49 гола, а трансферот на кариерата го направи на два дена пред својот 29. роденден.