Ништо од бизнисот: Милан се откажа од Бонифејс

Нигерискиот репрезентативец Виктор Бонифејс денеска треба да се врати во Германија откако Милан се откажа од неговиот трансфер поради лошата физичка подготвеност на фудбалерот.

Не е исклучено до крајот на преодниот рок, сепак, „росонерите“ да го купат фудбалерот на Баер, но засега сето тоа е тешко изводливо. Бонифејс имаше медицински прегледи во петокот и вчера од кои докторите на Милан заклучиле дека состојбата на десното колено, повредено во 2019 и 2020 година, не се наоѓа во посакуваната состојба, а и лани тој пропушти неколку натпревари поради мускулни проблеми.

Миланскиот тим вчера ја почна новата сезона во Серија А и доживеа шокантен пораз од новакот во оваа конкуренција, Кремонезе со 1-2. Јасно е дека на тимот му треба напаѓач и ќе се обиде да го најде до крајот на преодниот рок кој истекува на 1 септември. Во случај да нема друго решение, можно е да се врати на Бонифејс иако во моментов мали се шансите за тоа.

Опција беше и Расмус Хојлунд од Манчестер Јунајтед, но наводно Данецот не бил расположен за трансфер на Сан Сиро.