Несторовски си оди од Удинезе, ама останува во Италија?!

Македонскиот репрезентативен центарфор Илија Несторовски можно е да замине од Удинезе по завршувањето на актуелната сезона во Серија А, но ќе остане во Италија, најавуваат италијански медиуми.

Прилепчанецот кој дојде летоска како слободен играч од Палермо после банкротот на сицилијанскиот гигант, според пишувањата на медиуми на Апенините не ги исполнил очекувањата во Удине, па затоа постои опција да си замине, а наводно Кротоне е клубот кој најмногу е загреан.

Но, за такво нешто потребно е Кротоне да избори пласман во Серија А и потоа да се обиде да го донесе македонскиот нашаѓач. Покрај овој клуб, во кој пред низа години член беше и заменикот капитен во македонската селекција, Стефан Ристовски, сега член на португалски Спортинг Лисабон, желба за ангажман на Несторовски имале и Фросиноне и Монца, клубот на Силвио Берлускони и Адријано Галијани, кој има амбиција да стане дел од калчо-елитата.

Прилепчанецот во Удинезе досега има само два гола, но за разлика до пандемијата со коронавирус кога имаше мала минутажа, сега добива многу повеќе шанса да игра, најмногу и поради згуснатиот распоред за доигрување на сезоната, па тренерот Готи практично ги ротира сите расположливи сили за да ја одржи свежината во тимот.