Несторовски: Голот и победата против Рома му ги посветувам на Мандрагора

Удинезе оствари значајна победа на гостувањето кај Рома во рамки на Серија А и сега е шест бодови над зоната за испаѓање.

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски го постигна вториот гол на „Олимпико“ со кој ја запечати судбината на „волчицата“. Победата и својот гол, Несторовски му ги посвети на својот соиграч Роландо Мандрагора, кој пред извесно време ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото и го чека долга пауза.

„Најважно е што победивме. Заслуживме да славиме, а можеби заслуживме повеќе и на претходните два меча кои ги загубивме против Торино и Аталанта. Вечерва (синоќа) остваривме голем резултат и сите сме среќни. Оваа победа и мојот гол му ги посветувам на Роналдо Мандрагора, кој минува низ тешка повреда, но вчера тој беше со нас и сега беше на стадионот за да не бодри. Оваа победа е за него и се надевам дека набрзо ќе се врати, бидејќи ни недостига многу“, изјави македонскиот репрезентативец за „Удинезе ТВ“.

За Несторовски ова беше втор сезонски гол во дресот на Удинезе.