Навас нема проблем да го облече дресот на Барса, менаџерот му е близок со Лапорта

Ден по тешката повреда што ја доживеа првиот голман на Барселона, Марк Андре Тер Штеген во јавноста излегоа голем број имиња кои би можеле да го заменат Германецот до крајот на оваа сезона.

Барса може да донесе само голман кој е слободен во моментов, односно без договор, а меѓу оние за кои се шпекулира дека ќе се преселат во тимот од Каталонија се најде и поранешниот чувар на мрежата на Реал, Кејлор Навас. Колку и да звучи невозможно тој да го облече дресот на Барса, со оглед на историјата со „кралскиот клуб“, медиумите во Шпанија тврдат дека таков развој на настаните не треба да се исклучи.

Мундо Депортиво денеска објави дека Навас покажал расположение да стане играч на Барса и очекува повик од Каталонија со конкретна понуда и услови кои ги имал во клубот. Наводно, платата не е голем проблем за него, но секако дека сака да знае што планира Барселона со него.

Дополнителен елемент кој може да се покаже клучен за евентуалниот договор меѓу Барселона и Навас е тоа што менаџер на голманот е Жорге Мендес кој е многу блисок со Жоан Лапорта, а двајцата веќе реализираа неколку интересни трансфери претходните години. Костариканецот е слободен од крајот на минатата сезона кога истече неговиот договор со ПСЖ, летово беше на преговори со бразилскиот прволигаш Гремио, но двете страни не успеаја да се договорат.