„Срамота е што оваа држава дозволи да се случи со Партизан, ни звездашите не се среќни од ова“

Голманот и капитен на Партизан, Александар Јовановиќ без влакна на јазикот ги откри сите аномалии што се случуваат во неговиот клуб оваа сезона.

Партизан се наоѓа во плејаут зоната, претходно испадна од сите три европски купови и за два месеца од стартот на сезоната доживеа еден куп катастрофи. Јовановиќ е еден од ретките во клубот кои проговорија на овие теми, но призна дека не гледа решение во моментов.

„Искрено, Звезда е двојно поквалитетна од нас, денеска играше со некои 50-60%, а не победи со 4-0. Во овој момент Партизан не е конкурент, мене како капитен тоа тешко ми паѓа. Не можам да верувам што дозволи оваа држава да се случи со Партизан, тоа е срамота. Да играме дерби кое не е дерби. Ова е на многу повисоко ниво, тоа го знаете и вие (новинарите н.з.), но не смеете да напишете. Јас немам проблем со никого, ве гледам во очи и ви кажувам каква е ситуацијата, можам утре да си одам од клубот и имам каде да продолжам. Верувам дека ниеден звездаш не е среќен кога го гледа ова, тоа е факт, ни на претседателот, премиерот и кој и да е. Ова никому не одговара, всушност можеби и некому одговара, но тоа не е поентата“, рече Јовановиќ.

Во последните четири кола Партизан освои само два бода и со натпревар помалку сега е на деветтото место на табелата. Последната победа во првенството „црно-белите“ ја остварија на 4 август, против Железничар Панчево на домашен терен.