Мурињо доби отказ, ама ќе добие и отштета од која боли глава!

После серијата лоши резултати и сериозниот заостаток во битката за местата во ЛШ, кога веќе трката за титулата од поодамна е загубена, Манчестер јунајтед денеска го смени Жозе Мурињо од кормилото менаџер на „црвените ѓаволи“.

Но, ако смената беше лесна, допрва Манчестер јунајтед ќе треба да го одврзе ќесето за „специјалниот“, зашто Португалецот има договор на „Олд Трафорд“ до 2020 година и сега финансиски добро ќе се офајди за предвремениот раскин на договорот.

Јунајтед го има најлопиот старт во сезоната по 28 години, а сега веројатно на „Олд Трафорд“ се каат што избрзаа да му го продолжат договорот на Мурињо до крајот на сезоната 2019/20. И сега поради тоа, Јунајтед ќе мора да му плати 24 милиони фунти.

Овие пари може да ги сонуваат и најголемите тренерски имиња, а Мурињо ќе ги добие буквално за никакво работење. Допрва Јунајтед ќе прави анализа како и каде ја утнаа со Португалецот и како во ветер фрлија преку 450 милиони евра на засилувања, а тимот делува и игра како потпросечен премиерлигаш.