Можеби доаѓаат подобри денови за торинскиот гигант: Јуве има нов генерален менаџер

Најтрофејниот италијански клуб Јувентус официјално го објави назначувањето на Демјан Комоли за нов генерален менаџер.

Комоли неодамна го напушти Тулуз каде ја извршуваше истата функција, а во Јувентус ќе го замени Маурицио Сканавино и ќе биде одговорен не само за машкиот фудбалски тим, туку и маркетиншкиот и трговскиот оддел. Во својата менаџерска кариера, тој работеше и во Ливерпул и Тотнем, а неодамна бешпе поврзуван и со Милан.

„Привилегија е за мене да работам во клуб со толку богата историја, идентитет и амбициозна визија. Од првиот ден ќе го искористам цело мое искуство за да ја постигнеме крајната цел и да оствариме резултати какви што очекуваат нашите фанови“, изјави Комоли.

Првата сериозна задача со која ќе се соочи тој е назначување тренер на тимот. Игор Тудор ќе го води Јуве на Светското клупско првенство, но уште не се знае дали ќе остане на клупата и потоа. Антонио Конте одлучи да остане во Наполи, додека Џанпјеро Гасперини ја прифати понудата од Рома, па со тоа се стесни кругот на кандидати за тренерската позиција.