Миовски на патерици, ја заврши сезоната - нема скршеница, ама неизвесно е за лигаментите

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски ја заврши предвреме сезоната, а допрва ќе биде познато дали воопшто ќебиде во конкуренција за мечевите за Македонија со Украина и Англија идниот месец во евроквалификациите за Еуро 2024 во Германија.

Миовски вчера настрада после брутален старт на млад 18-годишен фудбалер, а добрата вест е дека нема скршеница после направената рендген снимка, но допрва ќе биде познато дали има повреда на лигаментите. Тоа што е сигурно е дека до крајот на сезонава нема да игра повеќе за Абердин.

„Тоа што знам е дека рендгенот е чист, но какви се лигаментите тоа е прашање и допрва ќе се знае. Јас само се надевам дека ќе биде сѐ во ред“, рече тренерот Бери Робсон.

Миовски се огласи доцна синоќа со информација дека за него е завршена сезоната, но допрва ќе има прегледи на магнетна резонанца за лигаментите за да дознае дали евентуално има повреда и колкав степен на повреда е, а со тоа и колку ќе паузира.

„За жал ја завршив сезоната предвреме поради повред на скочниот зглоб. Добра вест е дека нема скршеница, но дополнително ќе имам прегледи на моите лигаменти. Ви благодарам на сите за поддршката, ќе се вратам посилен“, објави Миовски.

Од прегледите на лигаментите сега ќе зависи дали Миовски ќе биде во конкуренција и на списокот на селекторот Благоја Милевски, но шансите веројатно се многу мали, иако до собирот има повеќе од две недели. Неиграњето на Миовски ќе биде голем хендикеп за Македонија, ако не е во конкуренција, зашто беше еден од фубалерите од националниот тим во најдобра форма.