Милан за 40 милиони евра купува фантастичен фудбалер од Арсенал

Лукас Тореира беше еден од најдобрите фудбалери на Арсенал изминатата сезона откако пристигна од редовите на Сампдорија. 

Уругваецот игра во средниот ред и важи за еден од оние големи борци кои се миленици на тренерите. И покрај фантастичните игри, Тореира во скорашно интервју изјави дека не е премногу среќен во Англија. Не се снаоѓа со англискиот јазик, ниту пак му се допаѓа стилот на живот.

Има желба да се врати во Италија, а Милан може да му ја оствари. Со оглед на фактот дека Марко Џампаоло наскоро ќе биде промовиран во нов тренер на „росонерите“, јасно е дека Тореира ќе биде негова прва желба на трансфер-пазарот.

Шпекулациите велат дека „росонерите“ ќе мора да платат околу 40 милиони евра за да го добијат Тореира, кој им е и повеќе од потребен во средниот ред. Летово „Сан Сиро“ го напуштија Рикардо Монтоливо, Тимуе Бакајоко, Андреа Бертолачи и Хозе Маури.