Михајловиќ лут: Продаде неколку весници повеќе и уништи пријателство од 20 години

Синиша Михајловиќ вчера на прес-конференција објави дека боледува од леукемија. Сепак, јавноста во Италија, па и цела Европа знаеше дека здравствената состојба на тренерот на Болоња не е добра, бидејќи први прочитаа такво нешто во „Кориере дело Спорт“. 

Пред Михајловиќ да и се обрати на јавноста, сите знаеја дека нешто не е во ред. Во текстот на весникот пишуваше дека Србинот е болен и дека му треба итен третман. Автор на текстот е Иван Зазарони, кој е еден од најпочитуваните спортски новинари во Италија, уредник на „Кориере дело Спорт“ и личен пријател на Михајловиќ.

Тој ја издал довербата на легендарниот фудбалер и без негово одобрение прв ја соопшти веста за неговата болест, која одекна како „бомба“ низ цела Европа. Прес-конференцијата на Михајловиќ потоа беше само момент каде тој треба лично да каже што не е во ред со неговото здравје, но и директно го нападна Зазарони.

„Сакав прв да ви соопштам што ми се случува. Но, некој не сакаше да ја почитува мојата приватност. Благодарение на тоа, тој продаде околу 200 весници повеќе, но воедно уништи и пријателство кое траеше 20 години“, изјави Србинот.