Михајловиќ ѝ го спаси животот, а таа го расплака регионот со емотивната порака за Србинот (ФОТО)

Српската легенда Синиша Михајловиќ од утре ја почнува животната битка против леукемијата, откако завчера објави дека ја прекинува кариерата поради тешката болест, па доби стотици илјади пораки за поддршка од целиот свет да издржи и да победи на крајот во најважната борба.

Михајловиќ, кој е тренер на италијанска Болоња денеска веројатно ја доби најемотивната порака, која го расплака регионот од Црногорката Николина Радуновиќ, која преживеала благодарение на Михајловиќ. Пред 19 години, српската легенда ѝ ја платил операцијата на срцето и целокупното лекување на Николина, па оттогаш популарниот Миха е нејзиниот заштитник.

„Утро, 13 јули 2019 година... Прва вест која ја читам е поврзана со Синиша Михајловиќ. Болен е велат, води животна битка. Мојот Синиша? Синиша чија фотографија е на екранот на мојот телефон? Тој Синиша, Михајловиќ – човек, фудбалер, хуманист, татко... Пред 19 години ми овозможи живот. Ми овозможи тоа што сум сега, да го живеам животот кој го живеам, да чекорам по патот по кој чекорам, да чувстувам, да посакувам, да сакам – а тебе веројатно најмногу.

Би сакала да можам да ти помогнам, како што ти мене ми помогна. Би сакала да можам да дојдам во посета, како ти што го правеше. Ама не можам. Мојата единствена помош ќе биде во молитвите – за уште една твоја победа. Ќе му се молам на Бог, во кој и двајцата веруваме. Во надеж дека нема да те ускрати за својата милост. Во надеж дека нема да ја заборави твојата великодушност и дека ќе ти пружи рака како што ти им ја пружаше на илјадниците луѓе за своите половина век.

Миха легендо, Миха кралу, Миха... Бори се! Издржи! Ќе победиш!“, пишува Николина Радуновиќ во емотивното обраќање на социјалните мрежи.