Меси утре на прес-конференција на „Камп Ноу“ ќе се прости од Барселона!

Најдобриот фудбалер во историјата на Барселона, Лионел Меси си оди после 21 година во Каталонија и веќе извесно е дека ќе биде нов играч на Пари Сен Жермен, па аргентинскиот велемајстор за утре закажа прес-конференција на „Камп Ноу“ за да се прости од шпанскиот великан и од навивачите.

Барселона не успеа да го регистрира Меси поради блокадата за неисполнување на финансискиот фер-плеј во Ла Лига, иако беше постигнат начелен договор за нова соработка, откако Меси од 1 јули беше слободен фудбалер после завршувањето на актуелниот договор.

Прес-конференцијата е закажана за 12 часот по централноевропско време, на кое Меси ќе објасни буквално сѐ, пред да замине за Париз.

Веќе од утринава е најавено дека викендов ПСЖ официјално ќе ја испрати понудата вредна 35 милиони евра годишно плус бонуси за Меси, која ќе биде прифатена, а парижаните за 10 август (вторник) ја закупија Ајфеловата кула за промоција на фудбалерот. Последен пат кога Ајфеловата кула беше закупена од ПСЖ беше на промоцијата на Нејмар, кој го урна светски рекордниот трансфер со преминот од Барса во Париз за 222 милиони евра.