Меси се расплака: Сакав да се збогуваме на вистински начин, ама мора да биде вака! (ВИДЕО)

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси денеска одржа прес-конференција на која се збогуваше со навивачите на Барселона и останатите соиграчи од каталонскиот гигант затоа што не успеа да потпише нов договор со тимот во кој играше многу години поради правилата на шпанската Ла Лига.

Меси се појави на прес-конференцијата со солзи во очи и не може да ги запре долго време пред да почне да зборува.

„Ова е многу тешко за мене по толку години. Бевме убедени дека ќе останеме тука, тоа го сакавме повеќе од сѐ. Годините кои ги поминав во Барселона беа неверојатни. Денеска морам да кажам збогувам на ова. Тука сум од мојата 13 година, а по 21 година заминувам со мојата жена, со моите деца. За овој клуб имам многу почит. Поминав многу убави моменти во Каталонија, како и лоши, но тоа ми помогна да напредувам и да станам личноста која сум денес. Дадов сѐ за овој клуб уште од првиот ден кога пристигнав. Благодарен сум за грижата која ја покажаа луѓето кон мене. Никогаш не замислував дека ќе се збогувам на ваков начин. Замислував дека ќе биде поинаку, на теренот со останатите фудбалери и навивачи на трибините. Тажно е да не се слушнат тие скандирања на моето име од публиката. Сакав да се збогуваме на вистински начин, но за жал мора да биде вака“, кажа Меси.