Мертенс си оди од Наполи – добил супер понуда од Кина

Белгиската ѕвезда Дрес Мертенс, соиграч на македонскиот бисер Елиф Елмас во Наполи на крајот на сезонава веќе извесно е дека ќе си замине од „Сан Паоло“ како слободен играч, за да замине во Кина од каде има супер понуда вредна 17 милиони евра.

Италијанските медиуми објавија дека кинески клуб сериозно е заинтересиран за Мертенс, но засега не се открива името на клубот, а според информациите на маса Мертенс има тригодишен договор вреден 17 милиони евра.

Белгиецот во разговорите за новиот договор со Наполи побарал од управата на клубот да му ги дадат истите пари што би ги заработил во Кина за да остане под Везув, но тоа раководството го одбило, па практично пропаднале преговорите за тој да остане и од лето ќе биде слободен играч. Наполи му понудил договор на Мертенс под истите услови кои ги има сега.

Наполитанците сега имаат опција во јануари да го продадат Мертенс за да успеат нешто да заработат и да не го загубат за беспари, но прашање е дали Белгиецот би се сложил на друг трансфер освен во кинескиот клуб со кој наводно веќе има усмен договор.