Менаџерска „сеча“ во Премиер лигата каква не е видена 80 години

Премиер лигата ќе ја започне сезоната 2026/27 со неверојатен податок – дури девет од 20-те клубови ќе имаат нов менаџер во однос на оној со кого ја завршија минатата сезона.

Според анализата на Опта, толкав број нови тренери на стартот на една сезона во англискиот фудбал е забележан само уште двапати во историјата – во сезоните 1888/89 и 1946/47.

Првата од овие сезони е историска бидејќи станува збор за првата сезона во историјата на англиското првенство, додека сезоната 1946/47 беше првата по завршувањето на Втората светска војна. Тоа значи дека Премиер лигата во пресрет на сезоната 2026/27 се соочува со исклучително голема тренерска реконструкција, нешто што досега се случувало само во два исклучителни моменти од историјата на англискиот фудбал. Воедно, ова е првпат откако елитната дивизија во Англија се вика Премиер лига да има толкав број менаџерски промени.

Тренерската нестабилност е уште поинтересна ако се знае дека во девет клубови доаѓаат нови стручњаци кои ќе имаат задача веднаш да воспостават свој систем, филозофија и начин на работа. Промените на клупите се дел од поширокиот тренд во Премиер лигата, каде што клубовите сè почесто носат одлуки за промена на тренерите во потрага по подобри резултати и исполнување на амбициите.

Во исто време, англиската елита продолжува да станува сè поинтернационална и кога станува збор за тренерскиот кадар. Само тројца англиски стручњаци ќе ја започнат новата сезона како први тренери на премиерлигашите: Френк Лампард, Гери Онил и Мајкл Керик.