Манчестер сити со „петарда“ го разнесе Њукасл (ВИДЕО)

И покрај тоа што ја загубија титулата во Премиер лигата, фудбалерите на Манчестер сити не ја загубија желбата за победа. Избраниците на Пеп Гвардиола, денеска забележаа уште една убедлива победа, откако овој пат на домашен терен го торпедираа тимот на Њукасл со 5-0.

„Граѓаните“ рано дојдоа до водство, уште во 10. минута, преку Габриел Жезус, а на 2-0 зголеми Ријад Марез единаесет минути подоцна. Во вториот дел, Федерико Фернандес си постигна автогол, Давид Силва со прекрасен гол од слободен удар зголеми на 4-0, а точка на натпреварот стави Стерлинг.

На Сити во последните четири кола во Премиер лигата му преостанува да ја одржи предноста пред Челси кога е во прашање второто место, иако таа изгледа недостижна во oвие моменти (девет поени разлика).

Инаку, Сити стана првиот тим во историјата на Премиерлигата од кој дури петмина различни играчи постигнале двоцифрен број на голови во една сезона. Серхио Агуеро даде 16, Рахим Стерлинг 14, Кевин Де Брујне и Габриел Жезус по 11, а Ријад Марез 10 погодоци сезонава.

Барнли славеше кај Вест Хем со голот на Џеј Родригез (0-1), додека Шефилд Јунајтед во последните секунди го доби Вулверхемптон со 1-0.