Манчестер јунајтед во новата сезона сака да тргне со Шмајхел на голот!

Англискиот великан Манчестер јунајтед сериозно планира да го смени Давид Де Хеа од голот и на негово место за новата сезона да го донесе синот на својата легенда Питер Шмајхел, Каспер, кој моментно е член на Лестер.

Каспер Шмајхел има уште три години од договорот со „лисиците“, но Јунајтед сега сериозно тргнал во обид да го ангажира, а со тоа да го продаде Де Хеа, бидејќи сè повеќе раководството на клубот е незадоволно од одбраните на шпанската „единица“.

Шмајхел би бил поевтина опција за „црвените ѓаволи“ во однос на Словенецот, Јан Облак, за кого Атлетико Мадрид бара 120 милиони евра. Оле Гунар Солшер сака Шмајхел и повратникот од заем Дин Хендерсон да му биде голманскиот пар за следната сезона, а заминувањето на Де Хеа ќе ослободи многу пари од буџетот бидејќи Шпанецот заработува 375 илјади фунти неделно.

Каспер е син на легендата на Јунајтед, Питер, кој беше дел од страшниот тим предводен од сер Алекс Фергусон и еден од клучните ликови во историската европска титула на Данска во 1992 година заедно со браќата Лаудруп.

Синот на легендарниот голман веќе неколку години брани во константна форма, во 2016 година стигна до премиерлигашката титула со Лестер, а потоа играше и во ЛШ со „лисиците“.