Лудоријата на Алиоски со плазењето под истрага на ФА

Новата лудорија на македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски, кој му се плазеше на фудбалерот на Барнли Двајт Мекнил во победата на Лидс со 4-0 во која левиот бек запиша нова асистенција, се најде под истрага на англиската ФА.

Како што објавија медиумите на Островот, после дуелот на Алиоски со Мекнил и реакцијата на македонскиот фудбалер со гестикулациите, во судискиот извештај влегла пријава, па целиот извештај сега оди кај ФА, која ќе го истражува инцидентот, што значи дека ќе треба Алиоски, Мекнил, како и менаџерите да достават дополнителни изјави пред нешто конкретно да се преземе.

„Еден од моите фудбалери го пријави случајот, а јас бев сведок на пишувањето на пријавата, но не и на инцидентот. Извештајот и пријавата се доставени до судијата, а тој ќе ги процесуира понатаму и тоа е сѐ што може да кажам“, рекол менаџерот на Банли.

Што содржи во пријавата и детали за истата менаџерот не откри, ниту дали има „дискриминирачки елементи“, а Англичаните најмногу ги интересира евентуални расистички испад(и).

Менаџерот на Лидс, Марсело Биелса, посочи дека не го видел инцидентот, но не гледа нешто посебно од тоа што на секој меч се случува.

„Ако имаше гестикулација, таа не ја видов, но пред себе видов ситни искри, нешто што секогаш го има на мечевите и не беше ништо поразлично од тоа што секогаш го има“, рече Биелса.