Ливерпул ги претстави новите дресови од Адидас – соработка вредна 600 милиони фунти (ВИДЕО)

Англискиот фудбалски гигант Ливерпул ги откри новите домашни и гостински дресови за следната сезона, со што и официјално го започна новото партнерство со спортскиот бренд „Адидас“.

Договорот, кој стапува на сила денеска, е потпишан на десет години и може да му донесе на клубот до 600 милиони фунти, вклучувајќи бонуси. Ова е третата соработка меѓу Ливерпул и германскиот производител на спортска опрема - првиот период траеше од 1985 до 1996 година, а вториот од 2006 до 2012 година. Новите дизајни ги комбинираат напредните технологии на „Адидас“ со традиционалниот стил и историја на клубот. Двете варијанти на дресови – со кратки и долги ракави – ќе бидат достапни за навивачите.

Домашниот дрес е во целосно црвена боја, со бели ленти на ракавите и модерна тркалезна јака. Гостинскиот дрес е инспириран од класичните изданија на Ливерпул, со бела основа и детали во црна и црвена боја. Птицата „Ливер“ е поставена во штит, дизајн што се поврзува со главната трибина на стадионот „Енфилд“. Во промотивното видео инспирирано од „Алиса во земјата на чудата“ се појавуваат ѕвезди од сегашните машки и женски состави, како и легенди на клубот -сер Кени Далглиш, Јан Раш, Џон Барнс, Роби Фаулер и Џејми Карагер.

Фудбалерите на Ливерпул предводени од новиот тренер Арне Слот за првпат ќе ги облечат новите дресови на пријателскиот натпревар против Атлетик Билбао, кој се игра в понеделник на „Енфилд“.