Ла Лига жестоко ги нападна „кралевите“: Реал Мадрид е клуб на плачковци!

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, остро го нападна Реал Мадрид, нарекувајќи го клубот „плачковци“ поради континуираните критики за судењето во шпанското првенство.

Во интервју за шпанскиот весник „АС“, тој истакна дека „кралскиот клуб“ постојано се жали, создавајќи теории на заговор и ширејќи „лажни приказни“ преку сопствената телевизија.

„Тоа е клуб кој плаче цел ден – плачеа минатиот викенд, ќе плачат и следниот. Сето тоа е дел од голема завера во нивните глави“, изјави Тебас, реагирајќи на последната низа поплаки што Реал ги упати до Фудбалската федерација на Шпанија.

Првиот човек на Ла Лига го критикуваше и претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, обвинувајќи го дека стои зад злоупотребата на ВАР системот во последните недели.

„ВАР се користи претерано и тоа не е случајно. Ако ги прашате другите клубови, ќе ви кажат дека најмногу профитираат Реал и Барселона, само што тие немаат своја телевизија за да шират вакви наративи“, додаде тој.

Тебас не застана само со критики за судењето. Тој го нападна и моделот на управување на Перез, велејќи дека „Флорентино застапува фудбал само за богатите и сака да одлучува за сè – па дури и за распределбата на парите“. Според Тебас, слепото следење на Перез во Реал е проблематично.

„Некои во клубот прават грешка обожувајќи сè што ќе направи. Реал Мадрид треба да има независно мислење“, заврши Тебас.